Почитувана директорке,
На крајот од оваа учебна година чувствувам потреба да Ви се обратам и да ја споделам мојата искрена благодарност и огромно задоволство од работата на образовниот асистент Јулиа Граматикова, која во текот на четвртото одделение беше секојдневна поддршка на мојот син Тадеј.
Како родител на дете кое има потреба од дополнителна поддршка во образовниот процес, знам колку е важно покрај детето да стои личност која не само што ја познава својата професија, туку ја работи со љубов, трпение и искрена посветеност. Токму таква е Јулиа. Во текот на целата година таа успеа да го извлече максимумот од Тадеј, постојано верувајќи во неговите способности и мотивирајќи го да напредува. Со голема креативност и индивидуален пристап ги приспособуваше содржините и активностите на начин што му овозможи не само да ја совлада наставната материја, туку и да ужива во процесот на учење.
Зад секој негов успех, зад секој нов научен поим, совладана лекција или стекната вештина, стои огромен труд, трпение и посветеност од страна на неговата асистентка. Таа не беше само поддршка во наставата, туку и личност која му помогна да стекне поголема самодоверба, да се чувствува прифатено и охрабрено дете кое може и знае.
Благодарение на нејзината работа, четвртото одделение за Тадеј ќе остане запаметено како една убава, успешна и среќна учебна година. Како родител, не можам да посакам повеќе од тоа моето дете да оди на училиште со насмевка и да се враќа дома гордо на она што го постигнало.
Јуле заслужува признание за својата професионалност, човечност и исклучителна посветеност. Кога наставникот или асистентот верува во едно дете, тогаш и самото дете почнува да верува во себе. Јуле му помогна токму во тоа.
Со почит,
Билјана Бабиќ
родител на Тадеј Бабиќ