55 години континуитет, стабилност и развој во образованието

Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“-Скопје оваа година одбележува значаен јубилеј-55 години од формирањето и почетоците во поддршката на учениците со посебни образовни потреби.
Овој јубилеј не се одбележува само како временска рамка, туку како приказна за вредности, раст и трансформација. Нашата работа се темели на принципи кои нè воделе низ годините и кои продолжуваат да ја обликуваат нашата иднина.
Достоинството на секој ученик, професионалноста, одговорноста и интегритетот се длабоко вкоренети принципи кои се поставени во минатото и претставуваат темел врз кој е изградена довербата кај учениците, семејствата и заедницата.
Поддршката што ја обезбедуваме континуирано се развива. Од примена на адаптирани методи и техники, до современа образовна адаптација и дополнителни услуги – нашата цел останува иста: создавање услови за вистински напредок на секое дете.
Грижата, емпатијата и вербата во потенцијалот на учениците се вредности што остануваат непроменети.   Тимската работа, градењето на стабилни партнерства помеѓу вработените, несебичните споделувања на знаења и вештини помеѓу човечкиот капитал, се еден од мостовите кои ја задржаа институцијата повеќе од половина век. Овој мост што поврзува знаење, искуство и меѓусебна поддршка се доградува и отвора нови патишта со помош на партнерствата и соработката со слични институции во други држави.  На тој начин низ годините училиштето континуирано се развива и се прилагодува на современите образовни текови.
Иновативноста, континуираната едукација, флексибилноста во прифаќање на промените се двигатели на нашиот напредок.  Активно учествуваме во реформите и се стремиме кон европски стандарди, градејќи современ ресурсен центар подготвен за предизвиците на новото време. А во новото време се стремиме кон автономија, но и кон заедништво – затоа што веруваме дека напредокот се гради заедно.Гледаме напред со јасна стратегиска визија – да бидеме стабилен, одржлив и препознатлив ресурсен центар.
Овој јубилеј е можност да се потсетиме на постигнатото, но и да погледнеме напред – со нова енергија, идеи и заложба за уште поголеми успеси.
Со благодарност до сите генерации ученици, наставници и соработници кои беа и се дел од нашата приказна – продолжуваме заедно да ја градиме иднината.