Под насловот „Композиција“, ОУРЦ „Иднина“ – Скопје го одбележа Денот на училиштето преку настан што ја спои уметноста со образованието, инклузијата со креативноста, а различноста – со заедништво.
Иако традиционално се одржува на 21 март, годинава Денот на училиштето беше пролонгиран од почит кон националната жалост. Но суштината остана иста: афирмирање на еднаквите можности, поддршката за секое дете и силата на заедничката креација.
Во соработка со Факултетот за ликовни уметности – Скопје, учениците од ОУРЦ „Иднина“ и студентите учествуваа во интерактивна уметничка работилница, чиј резултат беше изложбата „Композиција“ – жива слика на поврзаноста, разбирањето и емпатијата.
Секое дело што беше изложено не е само боја на платно – туку трага. Трага на разговор без зборови, допир преку линија и порака без бариери.
Настанот започна со видео-презентација од текот на работилницата, каде се прикажа процесот на создавање, насмевките, инспирацијата и заедничките моменти.
При самото пристигнување, гостите имаа можност спонтано да остават симболична трага на платно – како личен допринос во колективната уметност, без потпишување и без имиња. Овој гест претставуваше чин на заедничка припадност и поддршка.
Како дополнителна вредност на изложбата, беше изработен и каталог што ги содржи сите дела создадени во рамки на работилницата – уметнички записи на едно споделено искуство.
Следеше официјалното отворање на изложбата „Композиција“, при што творбите беа прикажани во амбиент исполнет со боја, топлина и искрена возбуда. На настанот беа доделени признанија за сите учесници, како знак на благодарност за нивната посветеност.
Во духот на 54-годишната историја на ОУРЦ „Иднина“, овој настан уште еднаш потврди дека инклузијата не е дефиниција – туку дело. Не е само насока – туку вредност што ја живееме секојдневно. Не е обврска – туку врска.