Долгогодишното искуство со семејствата на учениците со посебни потреби и интерните истражувања спроведени во нашата институција укажуваат на тоа дека во нашето општество токму жените и девојките го носат товарот за грижата во домот и грижата за децата.
Мажите во поголем дел се окупирани со обезбедување финансии за семејството.
Најчесто родителите, истакнуваат дека немаат соодветни мерки за поддршка па често пати се преоптоварени со обврски, принудени се да прават тешки компромиси што го загрозуваат нивното ментално здравје а со тоа и развојната благосостојба на детето, бидејќи знаеме дека безбедните домови се од фундаментално значење за емоционалниот и психолошкиот развој на децата и адолесцентите.
Потребата од поттикнување и едукација на оваа група жени за унапредување на нивното ментално и физичко здравје, подигнување на свеста за предизвиците кои се појавуваат во нивниот приватен и професионален живот, поттикнување на иницијативи за развој на различни сервиси за поддршка во заедницата, е повеќе од очигледна.
Токму поради тоа ОУРЦ „Иднина“-Скопје во својата програмска работа голем акцент става на соработка со родителите на учениците во нашето училиште и изградба на еден партнерски однос со нив преку организација на различни работилници и отворени денови.
Меѓутоа бројот на родители со кои треба да се соработува во изминатите 3 години интензивно се зголеми. Поради тоа идејата на овој проект е унапредување и одржување на менталното здравје на жените-родители на деца кои манифестираат потешкотии во развојот. Активностите ќе овозможат учество на жените-родители на деца од скопскиот и североисточниот регион вклучени во 78 основни општински училишта од 16 општини Чаир, Бутел, Центар, Гази Баба, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Илинден, Петровец, Зелениково, Арачиново, Кратово, Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане, Крива Паланка и Липково кои се во состав на ОУРЦ „Иднина“ Скопје за поддршка на инклузивното образование во РСМ. Во активностите ќе бидат вклучени и жените-родители на ученици кои следат настава и се образуваат во основното училиште со ресурсен центар (ОУРЦ) „Иднина“-Скопје.
Конкретни цели:
- Реализација на 16 едукативни работилници на тема „Справување со стресот“
Работилниците ќе бидат од едукативен карактер и истите ќе бидат реализирани во секоја од општините одделно; Програмата за работилниците ќе има информации за карактеристиките на учениците со потешкотии во учењето, сервиси и семејни политики кои се достапни во моментот за оваа група ученици, Што е стрес и кои се ефектите врз мозокот и телото, Критичко и креативно размислување, Емоционална интелигенција, начини и техники за справување со стрес, иницијативи за меѓусебна поддршка
- Анализа на потребите од дополнителни сервиси за поддршка на учениците со потешкотии во учењето на локално ниво
За време на реализација на работилниците ќе биде спроведено истражување за достапните сервиси на локално ниво за поддршка на жените кои се во улога на мајки на деца со потешкотии во учењето. Ќе биде изработен извештај од анализата за секоја од општините.
- Индивидуална поддршка од стручен соработник – психолог
По завршување на работилниците индивидуална поддршка од стручен соработник психолог ќе им биде достапен на оваа група жени. Дополнително доколку имаат потреба од консултации со стручен соработник социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед ќе им бидат на располагање.
- Реализација на иницијативи за меѓусебна поддршка на локално ниво
По изработката на извештајот за моменталната состојба и потребите на жените, учесниците ќе изберат еден предизвик-приоритет за кој ќе треба да се покрене иницијатива за решавање на предизвикот.
- Организација и предновогодишен базар помеѓу учесничките во активностите на тема безглутенска исхрана
Активностите од проектот ќе бидат реализирани со предновогодишен базар на кој ќе земат учество сите учеснички а темата ќе биде безглутенска исхрана. Базарот ќе биде организиран на оваа тема бидејќи голем дел од децата со потешкотии особено децата со аутизам манифестираат интолеранција на глутенот. Сите рецепти ќе бидат собрани и ќе бидат достапни во печатена форма споделени на базарот и социјалните мрежи.
- Организација на трибина на тема поддршка на жените/родители на ученици со потешкотии во развојот на тема : Справување со стресот и меѓусебна поддршка.
Трибината ќе се реализира со цел давање меѓусебна поддршка и споделување на позитивни искуства по реализација на работилниците, заклучоци и препораки за понатамошна иницијатива за формирање на клуб за поддршка на оваа ранлива категорија на жени/родители на ученици со потешкотии во учењето.
- Формирање на клуб на жени/родители на ученици со потешкотии во учењето и опремување на просторија за едукација и поддршка на жените/родители на ученици со потешкоти во учењето во состав на училиштето со ресурсен центар „Иднина“ Скопје.
Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ Скопје покрај поддршката на учениците со потешкотии во учењето и поддршка на инклузивното образование со својата дејност реализира и образование и воспитание на ученици со посебни потреби кои следат настава до IX одделение. Родителите/мајки на учениците ги придружуваат своите деца во училиштето се до завршување на наставата во просторија за родители. Времето поминато на жените/родители во училиштето потребно е да биде организирано и поддржано со различни активности во вид на едукација и иницијативи за меѓусебна поддршка. За таа цел ќе се формира клуб и да се опреми просторија адаптирана на горенаведените потреби.
Реализацијата на овој проект е овозможена од dm drogerie markt.