Рамката за соработка помеѓу ОУРЦ „Иднина“ - Скопје со другите основни училишта е утврдена со Законот за основно образование и Упатството за соработка донесено од Министерството за образование и наука. Соработката е организирана на повеќе нивоа за да овозможи обезбедување на инклузивно образование и квалитетна поддршка за учениците со попреченост и нивните семејства. Таа има за цел да се олесни пристапот до квалитетно образование за учениците со попреченост, да се обезбеди поддршка за наставниот кадар во спроведувањето на инклузивното образование, да се развијат вештини за самостојност и независно живеење на учениците, како и да се обезбеди директна поддршка на учениците и нивните семејства. Соработката се реализира преку четири клучни области:

Директна поддршка на учениците
- Спроведување модифицирани наставни програми за ученици со комплексни потреби.
- Специјализирана поддршка во вид на индивидуална работа со специјален едукатор и рехабилитатор, логопедски третмани, психолошка поддршка итн. 
- Обезбедување на образовни и лични асистенти по препорака на Стручното тело за проценка.

Поддршка на наставниците и стручните соработници
- Обуки за наставен кадар и стручни соработници
- Консултации за прилагодување на наставните програми и методи за работа со ученици со попреченост или ПОП.
- Вклучување на стручни лица од ресурсните центри во инклузивните тимови при основните училишта.
- Поддршка при изработка на индивидуални образовни планови (ИОП) и модифицирана програма.

Поддршка на родителите и старателите
- Организирање на советодавни сесии и обуки за родителите.
- Поддршка во процесот на учење во домашни услови и транзиција во повисоки образовни нивоа.
- Обезбедување информации за правата и можностите за поддршка.

Поддршка на пошироката заедница
- Соработка со единиците на локалната самоуправа, центрите за социјална работа и здравствените установи.
- Организирање на кампањи за подигање на свеста за инклузивното образование.

 

Постапка за обезбедување поддршка

Чекор 1. Договор за соработка

ОУРЦ „Иднина“ - Скопје и општинското основно училиште склучуваат договор за соработка со јасно дефинирани обврски. Севкупната документација што произлегува од соработката е во надлежност на училишните инклузивни тимови. 

Чекор 2. Поднесување на барање 

Општинските основни училишта доставуваат барања за услуги за претстојната учебна година (образовна асистенција, стручна поддршка, индивидуална поддршка од специјален едукатор, реализирање на делови од модифицираната програма итн.) до ресурсните центри во првата половина од месец јуни. 

Чекор 3. Изготвување на акциски план

Врз основа на доставените барања, ресурсниот центар подготвува Годишен план за поддршка, врз основа на кој, заедно со основните училишта изработуваат конкретен акциски план кој ги дефинира:

   - Целите и активностите.
   - Временската рамка и одговорните лица.
   - Критериуми за оценка на квалитетот на поддршката.
Акцискиот план е составен дел на Договорот за соработка помеѓу ОУРЦ „Иднина“ - Скопје и општинското основно училиште. 

Чекор 4. Оглас за ангажирање на образовни асистенти

По добивање на согласност од Министерството за образование и наука, ресурсниот центар објавува јавен оглас за избор на образовни/лични асистенти.


Соработката помеѓу општинските основни училишта и училиштата со ресурсен центар е клучна за обезбедување квалитетно, инклузивно образование. Со јасни процедури за координација и поддршка, се овозможува целосна интеграција и индивидуален пристап кон учениците со попреченост, како и обезбедување на сите неопходни ресурси за нивен личен и образовен развој.

За повеќе информации за начинот на остварување соработка и обезбедување услуги за поддршка на инклузивниот процес погледнете го Упатството на линкот во продолжение.