За развој на поквалитетно образование за сите деца, а согласно законските одредби, во основните училиштата во учебната 2021/2022 беше воведена услугата образовна асистенција, која се финансира преку буџетот на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија (МОН). 
Услугата се реализира преку обезбедување стручни соработници-приправници-образовни ассистенти за ученици со попречености во основното образование и за истата беа подготвени нормативи и стандарди како и описи на компетенции и работни задачи.

Начинот на побарување на образовен/личен асистент и начинот на селекција и избор на образовен/личен асистент е согласно Правилникот за начинот на побарување на образовен/личен асистент и начинот на селекција и избор на образовен/личен асистент  преку барaње. 
Оваа услуга во основните училишта претставува предуслов за обезбедување квалитетно инклузивно образование бидејќи образовните асистенти учествуваат во наставата на различни начини, секогаш под супервизија на наставникот, за да се подобри процесот на учење. Тие можат да ја фасилитираат групната работа со учениците, повремено да работат индивидуално со одредени ученици на зајакнување на нивните вештини, да помогнат во менаџирање во училницата (менаџмент на дисциплина, мотивација, емоции и потреби на учениците). 

Целта на поддршката која ја даваат образовните асистенти е преку сорботка со наставниците и со примена на методите на кооперативно учење и поучување да им помогнат на учениците да учествува во воспитно-образовниот процес, максимално да ги реализираат своите потенцијали и да стекнуваат самостојност и социјална вклученост во училишната средина.
Заклучокот е дека улогата на образовните асистенти е еден вид осигурување дека децата со попреченост имаат еднаков пристап до висококвалитетно образование на иста основа како и другите деца.
 

Чести заблуди во работата на стручниот соработник образовен асистент

Заблуда 1: Образовниот асистент е единственото одговорно лице за образованието и напредокот во учењето на децата со попреченост
Наместо тоа: Наставникот и образовниот асистент се одговорни за образованието и напредокот во учењето на сите деца. Двајцата ги проценуваат резултатите од учењето и планираат промени во стратегијата кога е потребно

Заблуда 2: Образовните асистенти ги извлекуваат децата со попреченост од општите училници за да им дадат сегрегирана, индивидуална настава
Наместо тоа: Образовниот асистент дава поддршка во училницата за да се избегне  стигматизација на децата со попреченост и нивното пропуштање на активностите во училницата и да се зголеми чувството на „припадност“ во општата училница

Заблуда 3: Образовниот асистент седи покрај детето со попреченост и само му помага на детето во следењето на упатствата на главниот наставник
Наместо тоа: Наставникот и образовниот асистент се менуваат во давање на настава и поддршка за целата училница, мали групи и поединци. Со тоа се избегнуваат бариерите во комуникација меѓу детето со попреченост и неговите соученици, се намалува изолацијата и стигмата. „Предавањето од сенка“ или седењето покрај детето за индивидуална поддршка може да стане бариера за инклузијата

Заблуда 4: Образовниот асистент е единствен кој е одговорен за развивање и управување со Индивидуалниот образовен план, модифицирана програма или План за поддршка на детето и семејството
Наместо тоа: Образовниот асистент дава поддршка во процесот на реализација на Индивидуалниот образовен план, модифицирана програма или План за поддршка на детето и семејството. Развојот и спроведувањето е заедничка одговорност на тим на заинтересирани страни.