Монтесори педагогија

Монтесори педагогијата е нешто повеќе од дидактички материјал во училницата или подучување на децата од страна на наставникот. Тоа е став кон децата и начин на разбирање на нивната единствена природа. Тоа е создавање услови и давање можност на децата слободно да растат и во целост да ги развиваат своите потенцијали.

Детето

Според Марија монтесори детето во својот развој поминува низ одредени фази. Првата фаза од живото (од раѓање до 6 години) таа ја нарекла фаза на абсорбирачки дух. Во оваа фаза децата буквално ги абсорбираат впечатоците од околината.
Д-р. Монтесори сметала дека развојот на детето поминува низ сензитивни фази кога тоа усвојува одредени вештини и знаења.  За време на овие периоди детето е фокусирено на одредени активности, интезивно се занимава со нив и ги совладува со огромна леснотија.
Монтесори развила специфичен дидактички материјал со кој комплетно е опремено нашето училиште и  кој што кореспондира со сензитивните периоди и интересот на децата.
Современите истражувања на детскиот развој ја истакнуваат важноста на почитување на детето како индивидуа. Почитта на детето беше и е клучна карактеристика на монтесори педагогијата. Почитувањето на индивидуалноста на детето во монтесори педагогијата значи давање слобода на избор на активности во специјално подготвена околина, која одговара на детската природа. Подготвената околина му дава слобода на детето да учи и да се развива според сопствен ритам, според неговите потенцијали, можности и интереси. Детето само ја избира својата работа. Тоа никогаш не се форсира да работи нешто за што не е подготвено или нешто што е премногу елементарно и досадно за него.
Самостојноста е важно начело во монтесори училницата. Детето се охрабрува на самостојност во секоја ситуација: во изборот на сопствена работа, во облекувањето на својата јакна, во чистењето на масичката по завршената работа итн. Секој мал чекор кон самостојноста ја гради самодовербата, самопочита и позитивниот концепт за себе.

Околината

Децата во монтесори училницата се на мешана возраст што од една страна на повозрасните деца им овозможува да ги подучуваат помалите деца и да ги развиваат социјалните вештини на толеранција и помош на другите. Од друга страна пак помалите деца добиваат позитивен модел за однесување и учење. Наставникот ја подготвува околината и презентира како се работи со одреден материјал. Тој дава внимателно дозирани информации за одреден материјал со цел да го поттикне интересот на детето.
Околината е поделена на разни области децата почнуваат со работа со конретни материјали од областа на практичниот живот и сетилата, а потоа напредуваат кон поапстрактните области, математика и јазик; во рамките на секоја област децата прво започнуваат од наједноставните материјали, активности и постепено напредуваат кон посложените; за секој материјал обично постои поедноставен и посложен начин на работа.

Наставникот

Улогата на наставникот во монтесори училницата е многукратна. Но неговата најважна  улога е да го стимулира учењето. Наставникот е обучен внимателно да набљудува, да ги забележи различните потреби на децата и да обезбеди соодветно подготвена околина која ќе обезбеди максимален раст и развој на децата. Тој ја презентира правилната употреба и работа со материјалите и го води детето без да се вмешува во неговата работа. Тој е таму кога е потребен, но е “невидлив” кога не е потребен. Со други зборови тој го следи детето.

Специјален едукатор и рехабилитатор
Татјана Митковска 
t_mitkovska@yahoo.com