Ран детски развој
Раниот пристап во предучилишното воспитание и образование остава свој белег на целокупното понатамошно школување на секоја индивидуа, на нејзиното изградување во позитивна, креативна и активна личност која ќе поседува верба во себе, почит кон себе и другите околу неа, затоа што токму во тој период детето има можности за максимално развивање на интелектуалните способности, доаѓање во контакт со појавите и настаните во непосредната околина, што влијае врз развитокот на љубопитноста, интересите за здобивање на елементарни претстави и поими, збогатување на искуствата и знаењата, формирање на основните културно-хигиенски навики, како и поставување на основите за социјализацијата на детето. Во таа насока предучилишното воспитание и образование има големо значење и улога во формирањето на основите и темелите на кои се надоградуваат претставите, поимите, знаењата, умеењата и навиките, и развитокот на творечките способности на децата. За дете од раѓање до тригодишна возраст, велиме „апсорбира како сунѓер“, бидејќи тоа е период кога неговиот мозок е најприфатлив за стекнување нови знаења.
Познато е дека децата од предучилишна возраст се премногу нетрпеливи, љубопитни, бучни, сакаат да прашуваат, истражуваат, неуморни се, покажуваат интерес за се и сешто, сакаат да играат, другаруваат. Секогаш треба да се има во предвид дека секое дете има различен капацитет на искуства, знаења, развиени способности, вештини. Поради тоа треба да се одговори на развојните потреби на секое дете, треба да се создадат услови за учење, самоизразување и развој во најразлични области.
Целта на едукативната работа во рамките на подготвителната предучилишна програма е да придонесе за:
- Целосен развој на детето;
- Развој на капацитети;
- Проширување на искуството;
- Збогатување на знаењето за себе, другите и светот околу вас.
- Поттикнување на независноста на детето;
- Обезбедување поддршка за физички развој;
- Зајакнување на социо-емоционалната компетентност;
- Обезбедување поддршка за когнитивниот развој;
- Негување љубопитност;
- Поттикнување на креативност и почитување на индивидуалноста.
Подрачја за работа
1. Моторен развој;
Во ова подрачје се вклучени:
- Груб моторен развој
-Фин моторен развој
- Сензомоторен развој
2. Социоемоционален развој;
3. Развој на јазикот, описменување и комуникација;
4. Когнитивен развој и стекнување на општи знаења. .
Во согласност со споменатите аспекти на подготвеност за училиште, задачите на подготвителната предучилишна програма се:
- поттикнување на самоспознавање
- поддршка на физичкиот развој
- зајакнување на социоемоционалната компетенција
- поддршка на когнитивниот развој
- поттикнување на љубопитност
- почитување на индивидуалноста и кретивноста