Покрај наставните содржини коишто учениците со посебни образовни потреби ги завршуваат во училиште заедно со наставникот – специјален едукатор и рехабилитатор. Домашните задачи се важна алатка за наставниците во следење на учениците за разбирање на содржините, за степенот на стекнатите вештини и сл.
Поради специфичноста на учениците вклучени во нашето училиште, според нивните способности и можности, поради проблемот со самостојност во извршување на задачите во училиште, најчесто при задавање на домашни задачи, нашите ученици не можат задачите да ги завршат сами, туку им треба помош од родител/старател. Понекогаш и самите барања и налози, објаснувања се даваат на нивните родители. На тој начин се вклучуваат и самите родители во воспитно-образовниот процес со што тој процес станува поуспешен. На тој начин триаголникот ученик-специјален едукатор и рехабилитатор – родител се зајакнува. Доколку учењето и работните задачи од училиште се продолжат и дома во семејството придобивките и позитивните резултати се поголеми.
ПРИДОБИВКИ ОД ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ
- За децата од помала возраст домашната задача треба да биде повеќе преку игра, со цел развивање на нивните способности и вештини.
- Да се создаваат вештини и способности за саморасудување и саморазмислување се јакне самостојноста кај учениците.
- Да се создава позитивен став кон училиштето.
- Да се создава поголема кохезија помеѓу училиштето и домашната средина.
- Да се стекнуваат работни навики и трудољубивост.
- Да се создава континуитет и кохезија помеѓу училиштето и домашната средина.
Со решавањето на задачите дома учениците стануваат посвесни за своето знаење и дека училиштето не е единственото место кадешто може да се дојде до информација и да се научи нешто.
ПРИДОБИВКИ НА РОДИТЕЛИТЕ ОД ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ
- Родителите пак преку домашните задачи се запознаваат со животот на нивните деца во училиштето, како и им овозможуваат на самите нив да бидат сведоци на растечката независност на нивните деца
- Запознавање на родителите со наставниот материјал којшто се работи во училиште
- Ангажирање на нивното дете во активност којашто му одзема некое време од денот
- Јакнење на врската
дете - родител
ПРИДОБИВКИ НА НАСТАВНИКОТ ОД ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ
-Продолжување на активноста на ученикот којашто е започната на часот и во домашни услови.
- Преку домашните задачи на учениците наставниците добиваат сознанија за степенот на совладаност на наставниот материјал, со што можат правилно да го насочат ученикот и да добијат повратна информација.
- Бидејќи учениците со посебни образовни потреби имаат проблем со помнење, на овој начин полесно се запомнува кога има континуитет во работата и дома.
- Јакнење на врската ученик - специјален едукатор и рехабилитатор – родител
Домашните задачи за учениците со посебни образовни потреби не секогаш мора да бидат во контекст со активностите на часот, понекогаш можат да бидат активности за самопомош или активности за моторика или развивање на некои други функции кај детето. Сите овие активности работно ќе го ангажираат детето во добар дел од денот,но ќе имаат рехабилитациска улога, односно се вежбаат одредени функции и способности.
Налозите за домашните задачи треба да бидат јасни, конкретни, разбирливи за детето или за родителот доколку налозите ги прима родителот. Домашните задачи не треба да му одземаат на детето многу време, не треба да му создаваат фрустрација и непријатно расположение. Тие треба да бидат лесни, краткотрајни, интересни, веќе познати на детето и прилагодени на домашните услови. При тоа, специјалниот рехабилитатор и едукатор односно наставник треба јасно и прецизно на родителот да му објасни што се бара од детето во домашната задача,целта на задавање и извршување на домашната задача во домашни услови, како и потребата на неговото дете од негова помош. Домашните задачи родителот треба да му ги задава на детето во оној дел од денот кога детето е најодморено и најрасположено за работа.Треба да се работи во пријатна атмосфера,без вклучен ТВ или друг уред, по можност издвоени во посебно катче од другите, за да не му се одвлекува вниманието.Доколку детето во текот на извршување на активноста изгуби интерес или стане по малку нервозно,треба да се прекине активноста, нека детето се позанимава со нешто друго,па кога ќе се смири, повторно може да севрати на започнатата домашната задача. Од дечињата со посебни потреби не може да очекуваме дека ќе работат долго и дека ќе бидат долго заинтересирани за една иста активност.Сепак секое едно нешто сработено дома е успех за самото дете, но и за родителот секако.Треба да се остави детето што повеќе сам да работи, секако според неговите способности и можности, таму каде што му треба вистинска помош треба да му се помогне. Денес можеби нема да може нешто целосно да направи, но секако тоа не е неуспех за него, утре ќе биде поуспешен. Знаеме дека домашните задачи им одземаат на родителите дел од нивното време, со оглед на секојдневните нивни обврски и активности, но секако сето тоа е за доброто,за развој на нивното дете и за поуспешен воспитно-образовен процес.
Најважно од се е домашната задача да биде проверена од страна на наставникот наредниот ден веднаш и секако е неизбежна петката или пофалба за успешно завршената работа, за да детето биде мотивирано и друг пат да сработи активност дома.
И како што се вели
ПОВТОРУВАЊЕТО И ВЕЖБАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, колку повеќе нешто се вежба дома и на училиште секако побрзо ќе се усвои, без разлика дали се работи за функција, способност, наставен материјал. Континуитетот во работата со детето со посебни образовни потреби во училиштето и во домот е многу важен за успешен воспитно-образовен процес на самото и дете и подобар развој на истото.
https://read.bookcreator.com/e4R2LevebrSVqmN4xosJDlJ4M1t1/UwOIxqG4QViHHpr0540qCA?fbclid=IwAR1X3Ttng_7WW0WtW4GmcUK0tPcr9KrfwTb8wOBKwVEPG_q3Zo8bvjoYgeY
Татјана Митковска
Специјален едукатор и рехабилитатор