Учење од далечина - ПРИДОБИВКИ за учениците кои имаат потешкотии во комуникацијата

Во текот на второто полугодие од учебната 2019/2020 година, во основните и средните училишта во нашата земја се реализира настава во далечина (online настава). Наставата се реализира преку средства за електронска комуникација кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и истите овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Анализите покажуваат дека во основните и средните училишта образовниот процес го следат и ученици за кои двонасочната комуникација претставува вистински предизвик, па се наметнува прашањето
 Дали учењето од далечина има одредени придобивки за оваа група ученици.
 
Одговорот е ...СЕКАКО дека постојат. Како и во секој друг процес освен придобивки постојат и предизвици за совладување, меѓутоа во овој текст ќе се задржиме повеќе на придобивките.
 
Доколку погледнеме во теоријата и практиката на специјалната едукација и рехабилитација ќе наидеме на бројни истражувања кои укажуваат дека проблемите во двонасочната комуникација можат да бидат предизвикани од низа намалени функционални способности на ученикот, во сите области од развојот. Токму овие ученици се предизвик за наставниот и ненаставниот кадар бидејќи имаат широк спектар на карактеристично однесување, размислување, манифестација на емоции, разрешување зададени задачи и слично. На овие ученици  online наставата им нуди можност да ги совладуваат содржините во согласност со својот интелектуален, емоционален и физички биоритам, без дополнителни социјални притисоци од своите наставници, ученици-врсници, надворешното и внатрешното опкружување во училиштето.
Сепак останува и група ученици за кои неопходни се лични, еден-на-еден  активности со насочено внимание, реализирани од квалификувани наставници-специјални едукатори и рехабилитатори во простории адаптирани за нивните потреби.
  1. Учениците работат согласно нивниот интелектуален, емоционален и физички биоритам

Учењето од далечина, односно реализацијата на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците, на оваа група ученици им овозможува да ги завршуваат задачите согласно нивниот интелектуален, емоционален и физички биоритам, односно во моментот кога им е удобно а не во моментот кога тоа се бара од нив.  
Чести се ситуациите кога учениците кои манифестираат проблем во двонасочната комуникација знаат позитивно да ги “изненадат” своите родители, наставници и врсници. Тоа се оние “добри” денови и се поврзуваат со позитивните фази, од циклусите на биоритамот било да се работи за физички, емоционален или интелектуален.  Ова се состојби каде ученикот може да даде сè од себе на сите фронтови, да започне различни проекти и да биде успешен во нивната крајна реализација.
Меѓутоа постојат и денови, периоди каде учениците не располагаат со сите свои способности и можности, не се чувствуваат добро, прават грешки, не ги остваруваат зададените цели. Ова се случува во негативната фаза, од циклусите на физичкиот, емоционалниот или интелектуалниот биоритам.
 
Кога зборуваме за физички биоритам  зборуваме за општата физичка состојба на луѓето: силата, отпорноста на болести, способност за работа и функцијата на сите органи во телото.
Интелектуалниот биоритам се однесува на менталните способности: концентрација, логичност, аналитичност, учење и способност за донесување на одлуки.
Емоционалениот биоритам  се однесува на расположението, чувствата, сексуалноста и креативноста.
Доколку земеме во предвид дека оваа група ученици често имаат и други потешкотии во делот на моторика, не се во можност да зборуваат за силата, за отпорноста на болести, способност за работа, функцијата на сите органи во телото, логичност, аналитичност, расположение, чувства, креативноста, ќе сфатиме дека следењето на нивниот биоритам е од особена важност за постигнување позитивни резултати во образовниот процес.
  1. Редуцирани се социјалните притисоци кои постојат во училиштето

За голем дел од учениците кои имаат потешкотии во двонасочната комуникација, училницата претставува средина во која има голем број т.н тригер фактори (предизвикувачи) на социјално неприфатливо однесување, појава на движења за самостимулација,повторувачко однесување и слично.
  • Исчекување на звукот на училишното ѕвонче,
  • Барањата за завршување на задачите,
  • Смеата и разговорите на врсниците,
  • Промените на училниците и кабинетите,
  • Транспортот до училиштето,
  • Неочекуваните промени во текот на денот се само дел од социјалните притисоци со кои се соочуваат учениците со потешкотии а истите се редуцирани за време на учењето од далечина. 
Учениците се во своите домови во своите “сигурни зони” во кои инструментите за смирување се лесно достапни. Исто така во домашни услови постои поголема можност за програмирање на активностите односно подготовка на визуелна поддршка за активностите кои следуваат, без дополнителни поголеми промени во истите.
  1. Намалена е потребата од патување

Патувањето е навистина голем предизвик за учениците кои освен проблем во комуникацијата  имаат и потешкотии во моториката. На овие ученици им е потребно подолго време да стасаат до училницата, се соочуваат со физички бариери а долг е и списокот на бариерите со кои се соочуваат кога треба да посетат одредени места и институции поврзани со образовниот процес. Исто така поголем дел од учениците во своите домови  имаат можност да користат специфични инструменти од ассистивната технологија кои ги нема во училиштата а им се неопходни да можат да ги завршат задачите.  
  1. Наставниците ги дигитализираат  наставните содржини 

Дигитализацијата на наставните содржини на учениците им дава повеќе можности. 
Ученикот согласно своите индивидуални способности, начинот на учење, и навиките има можност да избере дали неколку пати ќе го слуша, гледа и решава подготвениот материјал, дали ќе се обиде да ги стави во функција стекнатите знаења па ќе побара дополнителни материјали за споредување, или дадените задачи едноставно ќе ги решава по пат на обиди и грешки.
При решавање на задачите ученикот може да користи фонт, боја и големина на буквите и броевите кои му одговараат на визуелната перцепција. Да остава празен простор помеѓу речениците и целините со големина соодветна за побрзо и потечно читање,, да користи софтверски решенија за подготовка на проекти и слично.
Навиката за  употреба на технологијата која е на располагање во домовите на учениците,  дополнително може да се искористи како услов/мотив за извршување на задачите.
  1. Се подобрува квалитетот на соработката помеѓу ученикот - наставникот - родителот

Во училниците наставникот за време на часовите мора да го подели своето внимание со повеќе од 20 ученици, а по завршување на наставата со повеќе од 20 родители. На тој начин тие не се во можност да им посветат повеќе време на учениците кои манифестираат  потешкотии во учењето, или пак да го објаснат напредокот за ученикот на неговите родители.
Овој предизвик може да се надмине со организирање на почести online средби за време на учењето во далечина. Исто така за време на учењето во далечина родителите на ученикот ќе бидат повеќе вклучени во наставниот процес и на тој начин секојдневно ќе ги согледуваат индивидуалните способности на своето дете за совладување на наставната програма.