Одржан фудбалски настан посветен на инклузијата, тимскиот дух и еднаквите можности за секое дете

„Допри го голот – Фудбал за секое дете“: Кога играме заедно, сите сме победници!

ОУРЦ „Иднина“ – Скопје организираше ревијален фудбалски настан во рамки на проектот „Touch the Goal – Фудбал за секое дете“, посветен на инклузијата, тимскиот дух и еднаквите можности за секое дете.

На 26 октомври 2026 година, фудбалскиот терен стана место за дружење, соработка, радост и нови пријателства. Ученици со типичен и атипичен развој од седум основни училишта од Скопје, Куманово и Кратово се обединија преку љубовта кон спортот и заедничката желба да бидат дел од тимот.

На ревијалниот настан учествуваа ученици од ООУ „Живко Брајковски“ – Бутел, ООУ „Кочо Рацин“ – Петровец, ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово, ООУ „Имри Елези“ – Чаир, ООУ „Васил Главинов“ – Чаир, ООУ „Киро Глигоров“ – Центар и ОУРЦ „Иднина“ – Скопје.

Различните бои на дресовите ги претставуваа тимовите, но заедничката радост, меѓусебната поддршка и чувството на припадност ги поврзаа сите учесници. Секој постигнат гол, секој аплауз и секој момент на охрабрување беа потсетник дека вистинската вредност на спортот не се мери само со резултатот, туку и со можноста секое дете да учествува, да се развива, да стекнува самодоверба и да создава пријателства.

Фудбалот како простор за инклузија и заедништво

Проектот „Touch the Goal – Фудбал за секое дете“ има за цел да придонесе кон создавање пристапен, адаптиран и одржлив модел за инклузивен фудбал, со посебен акцент на учениците со попреченост, вклучително и учениците со аутизам и други комплексни образовни потреби.

Преку спортските активности се поттикнуваат активното учество, врсничката поддршка, соработката и развојот на социјалните вештини. Истовремено, проектот придонесува кон јакнење на капацитетите на наставниот и стручниот кадар за создавање услови во кои секое дете може да учествува на начин што одговара на неговите потреби и можности.

Ревијалниот натпревар беше можност овие вредности да се преточат во заедничко искуство. Учениците имаа можност да играат, да се охрабруваат, да соработуваат и да ја почувствуваат радоста од припадноста кон тимот.

На крајот од настанот, сите учесници добија златни медали како признание за нивниот труд, учество и спортски дух. Медалите беа симбол на една едноставна, но важна порака: секое дете е победник кога добива можност да учествува, да биде прифатено и да се чувствува како рамноправен дел од заедницата.

Заедно градиме фудбал за секое дете

ОУРЦ „Иднина“ – Скопје упатува искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија, Фондацијата на УЕФА за деца, училиштата учесници, наставниците, образовните асистенти, стручните соработници и сите кои придонесоа за реализацијата на овој настан.

Со ваквите активности потврдуваме дека инклузијата не е само принцип за кој зборуваме, туку практика што ја градиме заедно – преку создавање можности, отстранување на бариерите и охрабрување на секое дете да биде дел од играта.

„Допри го голот – Фудбал за секое дете“ – затоа што најголемата победа е кога сите имаат свое место во тимот!

Галерија