Во текот на првата училишна недела од учебната 2026/2027 година, во ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, на часовите по Физичко и здравствено образование се реализираа активности на темите „Јас и моето тело“ и „Играм и спортувам“.
Наставата по Физичко и здравствено образование се реализираше како тандем настава, преку координирана и заедничка работа на наставниците, со цел да се обезбеди поголема поддршка, активно учество и соодветно прилагодување на активностите кон индивидуалните можности, потреби и способности на учениците. Тандем наставата е образове метод каде што заедно со одделенскиот наставник работи и стручен предметен наставник, најчесто применуван во првите одделенија по предметот физичко и здравствено образование.
Преку внимателно одбрани и прилагодени активности, учениците имаа можност повторно да се запознаат со просторот за вежбање, наставниците и своите соученици, како и постепено да се вклучат во физичките активности. Посебен акцент беше ставен на препознавање и движење на деловите од телото, основните природни движења, координацијата, рамнотежата и развивањето на позитивен однос кон физичката активност.
Во рамките на темата „Играм и спортувам“, учениците учествуваа во различни елементарни игри, полигонски активности и едноставни спортски движења, при што се поттикнуваа соработката, почитувањето на правилата, меѓусебното помагање и радоста од движењето. Тандемскиот начин на реализација овозможи полесна организација на активностите, поголема индивидуална поддршка и следење на секој ученик во текот на наставниот процес. Активностите беа дополнително прилагодувани во зависност од моменталните можности и степенот на вклученост на учениците.
Првата училишна недела помина во позитивна и пријатна атмосфера. Учениците покажаа интерес, мотивираност и желба за учество, а активностите беа успешно реализирани со примена на индивидуализиран и инклузивен пристап.
Со успешниот почеток на наставата по Физичко и здравствено образование и примената на тандемскиот модел на работа, се создава основа за една активна, инклузивна и успешна учебна година во која секој ученик ќе има можност да се движи, да игра, да спортува и да напредува согласно своите способности.