Завршна работилница за вербално насилство во ООУ „Григор Прличев“- Гази Баба

Во рамките на проектот „Заедно во приказната – Превенција од насилство преку инклузивен драмско-едукативен пристап“, na 05.06.2026 во ООУ „Григор Прличев“ беше реализирана завршната работилница со учениците, посветена на препознавање и превенција на вербалното насилство.
Работилницата ја реализираа специјалните едукатори и рехабилитатори Анкица Стрезовска и Татјана Митковска, кои преку внимателно осмислени драмски активности и елементи на гејмификација создадоа динамична и мотивирачка средина за учење.
Наместо класичен пристап, учениците активно учествуваа во игри, предизвици, сценски ситуации и тимски активности преку кои имаа можност да препознаат различни форми на вербално насилство, да ги согледаат чувствата на лицата кои се изложени на навреди и исмејување и да предложат соодветни начини на реагирање.
Посебна вредност на работилницата беше примената на гејмификација, која овозможи учениците да учат преку игра, истражување и соработка. Ваквиот пристап ја зголеми нивната вклученост, мотивација и подготвеност активно да размислуваат за темата, а истовремено придонесе за позитивна атмосфера исполнета со дружење, смеа и учење.
Учениците покажаа одлична соработка, креативност и зрелост во дискусиите, при што споделија сопствени искуства и идеи за тоа како можат да придонесат кон создавање средина во која секој ќе се чувствува прифатен, почитуван и безбеден.
Преку ваквите активности се развиваат емпатијата, комуникациските и социјалните вештини, самодовербата и способноста за мирно решавање на конфликти. Истовремено, учениците учат дека зборовите имаат моќ – можат да повредат, но можат и да охрабрат, поддржат и изградат пријателства.
Им честитаме на Анкица Стрезовска и Татјана Митковска за креативниот пристап и успешната реализација на работилницата, како и на учениците од ООУ „Григор Прличев“ за нивното активно учество, ентузијазам и подготвеност да бидат дел од создавањето позитивна и инклузивна училишна заедница.

Галерија

Поврзани блог статии