Учениците учеа дека и сведоците можат да направат разлика

Во рамките на проектот „Заедно во приказната – Превенција од насилство преку инклузивен драмско-едукативен пристап“, на 05.06. 2026 год. во ОУРЦ „Иднина“ – Скопје беше реализирана четвртата и завршна драмско-едукативна работилница со учениците, на тема „Улогата на сведоците“. Работилницата ја реализираа специјалните едукатори и рехабилитатори Емилија Георгиева и Моника Огненовска и социјалниот работник Бранкица Дуковски. 
Преку интерактивна игра, драматизација и преземање различни улоги, учениците имаа можност да согледаат дека во ситуации на врсничко насилство не постојат само жртва и сторител, туку и сведоци чии постапки можат значително да влијаат врз исходот на настанот.
Во текот на активностите учениците истражуваа различни начини на реагирање – помагање на другарот, барање помош од возрасен, игнорирање на ситуацијата или приклучување кон исмејувањето. Преку играта и дискусијата тие самостојно дојдоа до заклучок дека и непостапувањето претставува избор, а поддршката и храброста можат да направат голема разлика за оној што е изложен на насилство.
Работилницата помина во исклучително позитивна атмосфера исполнета со соработка, размислување и активно учество. Учениците покажаа голем интерес за темата, споделуваа сопствени размислувања и предлагаа начини на кои би помогнале доколку се најдат во улога на сведок.
Преку ваквите активности учениците ги зајакнуваат своите социјални вештини, емпатијата, чувството на одговорност и способноста за ненасилно решавање на конфликти. Истовремено, тие учат дека секој член на училишната заедница може да придонесе за создавање побезбедна, поприфатлива и поинклузивна средина за сите.
Со оваа работилница беше заокружен циклусот драмско-едукативни активности реализирани во ОУРЦ „Иднина“, насочени кон превенција на врсничкото насилство и поттикнување позитивни врснички односи кај учениците.

Галерија

Поврзани блог статии