На 28 мај 2026 година, проектот „Заедно во приказната – Превенција од насилство преку инклузивен драмско едукативен пристап“ беше презентиран на Петтиот интернационален симпозиум „Теорија и пракса во инклузивното образование“, организиран од училиштето „Паул Попеску-Невени“ од Темишвар, Република Романија.
Претставничките на ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, Татјана Митковска, Анкица Стрезовска, Емилија Георгиева и Моника Огненовска, ги презентираа целите, концептот и досегашните активности на проектот, кој се реализира со поддршка на Министерството за образование и наука.
Во рамките на презентацијата беше претставен драмско-едукативниот пристап како иновативна и инклузивна метода за превенција на врсничкото насилство, преку која учениците активно учат да препознаваат различни форми на насилство, да развиваат емпатија, да ги разбираат перспективите на другите и да применуваат ненасилни стратегии за решавање конфликти.
Учеството на симпозиумот овозможи размена на искуства и добри практики со стручни лица, наставници и истражувачи од повеќе земји, како и промоција на активностите што ОУРЦ „Иднина“ ги реализира во насока на унапредување на инклузивното образование и создавање безбедна и поддржувачка училишна средина.
Презентацијата на проектот претставува значаен придонес кон неговата видливост и дисеминација, како и можност за афирмирање на современите пристапи во превенцијата на насилството и поддршката на учениците со и без попреченост.