Учество во учење

Учењето е  процес при кој настанува релативно трајна промена во однесувањето на единката под влијание на нејзината активност или стекнато искуство. Учењето се одвива во различни средини и преку различни животни ситуации, но примарно, од најмала возраст, структурирано водење низ процесот на учење се одвива во детските градинки и училиштата.
Стекнувањето академски знаења е основната цел на училиштата, но и место каде што учениците се здобиваат со вештини и компетенции според нивните когнитивни можности.
Во едно основно училиште со ресурсен центар, фокусот на учењето не е само усвојување академски знаења туку развивање на способностите на учениците во областите за кои покажуваат најголем интерес.
Низ текот на годините и развојот на дидактичко-методиските практики, се менува и пристапот кон подучувањето. Ако порано учебникот бил во центарот на вниманието, денес се користи само како помагало за насочување на чекорите во исклучително сложениот процес - учењето.
Денес, сѐ поголем акцент се става на УЧЕСТВОТО во учењето, на интерактивната настава и слободното изразување на ученикот.
„Кажи ми и ќе заборавам.“
„Научи ме и ќе запомнам.“
„ПОКАЖИ МИ И ЌЕ НАУЧАМ.“
                        Бенџамин Франклин
Обезбедувањето учество на ученикот во активностите со соодветно насочување од наставникот, е примарната цел на наставата во ОУРЦ „Иднина“, Скопје.
Токму од тие причини, учениците учествуваат во проекти организирани од страна на библиотекарската секција во училиштето.
Завршениот проект „Посебни сме - ги сакаме книгите“ ги научи учениците да ги разликуваат материјалите, ги оспособи да изработуваат лист хартија од стара хартија, да манипулираат со хартијата и да ги репарираат старите оштетени книги.
Оваа учебна 2025/2026 година, учениците учествуваат во проектот „Дигитална екобиблиотека - немаме планета за хипотека“ со цел да се развива свеста за чиста и здрава средина како предуслов за здрав живот. Во рамки на проектот се комбинираат активности за усвојување знаења и мануелно ракување со различни материјали.
За да ги запомнат важните датуми од календарот на значајни настани, учениците по повод Денот на учителите ја посетија библиотеката „Цветан Димов“ во Чаир и реализираа работилница на тема: „Ја сакам мојата учителка / Го сакам мојот учител“.
Покрај разговорот за значењето на зборот учител/ка и изведувањето други зборови, како: учи, елка, чита... учениците го испишаа името на својот учител / својата учителка на јаболчиња во црвена и жолта боја и со нив го украсија есенското дрво.
Научија за Денот на учителот, распознаваа бои, зборуваа за годишното време есен и работеа со боички, ножици и лепило.
Дека 11 Октомври е Ден на македонското востание, учениците научија на работилница на која го боеја македонското знаме, а со знамињата го украсија дрвцето што го посадија во чест на празникот - вечно зелена елка. Со разговор и пеење песнички беше одбележан овој значаен празник за нашата држава. Воедно, научија и кои се основните симболи на една држава: знаме, грб и химна и како треба да се однесуваме кон нив.
Дека е есен и лисјата се жолти и паѓаат од дрвјата, научија така што со есенските лисија кои ги собраа во училишниот двор, им ставија ново руво на животните од боенките.
Бидејќи веќе имаа предзнаења за патот на хартијата, на работилниците за правење хартија, цепеа листови од стари весници, ги потопија со вода, ја мешаа содржината и ја пресуваа хартијата.

                                                                                                             Изработил: м-р Славица Тодорова, библиотекар


 

Галерија