Училишната библиотека при Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ функционира од почетокот на основањето на училиштето во 1971 година. Поради специфичната дејност на училиштето, библиотеката со текот на годините е опремувана, покрај со лектирни изданија и дела од македонската и светската книжевност, и со списанија и стручни трудови и дела од областа на специјалната едукација и рехабилитација.
Библиотеката во основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ е интегрален дел од воспитно-образовниот процес во училиштето насочен кон едукација на ученици со пречки во развојот. Освен како подршка на учениците и наставниците во нивната работа на наставните часови, библиотеката е отворена и за родителите на учениците кои се најчесто нивна придружба во училиштето. Просторијата наменета за библиотека во училиштето е пријатна просторија, уредена според потребите на децата – сликовници, звучни сликовници, сликовници со меки корици поставени на ниски полици за да можат учениците сами да посегнат по нив.