Терапија за сензорна интеграција и стимулација
Сензорната (сетилна) терапија е наменета е за ученици со атипични невролошки функции на сетилна перцепција и интеграција.  Таа се базира на теоријата за сензорна интеграција која може да ги објасни причините за бројните збунувачки т.н. предизвикувачки однесувања кои ги манифестираат децата со развојни потешкотии.

Сензорно - интегративната терапијата им ги дава на децата потребните алатки за надминување на препреките во развојот. Специфичните активности во терапијата, му помагаат на детето соодветно да ги организира информациите, со цел подобро поврзување со внатрешниот и надворешниот свет. Кога телото и мозокот се подобро организирани, несоодветните однесувања се намалуваат и детската способност за изведување на секојдневни активности,  вклучително и учење,  се подобрува.

Сензорната интеграција е невролошки процес кој претставува основа за перцепцијата на себе и другите, како и соодветни и ефикасни одговори на дразбите (адаптивни одговори). Освен основните сетила (вид, слух, вкус, мирис и допир), клучни се скриените сетила за рамнотежа т.е вестибуларно сетило и длабокото сетило т.е проприоцептивно сетило. Заедно со тактилното сетило, овие сетила се основа за здрав развој на детето.

Со програмата се опфатени ученици кои покажуваат атипичен (висок или низок) невролошки праг на сетилна чувствителност, како и пасивни и активни стратегии на саморегулација на однесувањето. Тоа вклучува неколку категории ученици:
  • ученици кои покажуваат проблематично однесување заради постојаното барање на сетилни дразби (висок праг на надразливост, активна стратегија на саморегулација);
  • ученици кои делуваат отсутно и незаинтересирано и тешко се фокусираат на секојдневните активности (висок праг на надразливост, пасивна стратегија на саморегулација);
  • ученици кои покажуваат проблематично однесување заради активното избегнување на сетилни дразби (низок праг на надразливост, активна стратегија на саморегулација);
  • ученици кои лесно се вознемируваат и се хиперактивни (низок праг на надразливост и пасивна стратегија на саморегулација);
  • како и ученици кои манифестираат некоја комбинација од наведените сензорни профили.
 
Секое дете има свој внатрешен порив кој го води во играта но понекогаш е потребно  да ги насочиме децата во играта како би се создале адаптивни одговори. Суштината на сензорно-интегративната терапија е вешто структурирана игра која има терапевтски цели.
Терапијата се спроведува во специјализирани кабинети, опремени така да ги задоволува барањата на седумте наведени сетила. Кабинетот за сензорна интеграција е уреден на начин кој ги поттикнува децата на движење, игра и формирање адаптивни одговори кои водат до организација на сетилата во мозокот. Кабинетот за сензорна стимулација обезбдедува релаксација, визуелна стимулација и долготрајност на вниманието.